По десет месеци од оштетувањето на столбот и искривувањето на мостот на реката Брегалница кај селото Балван, денеска почнаа подготвителните работи за старт на реконструкцијата. Мостот што сврзува два регионални патишта и витален за граѓаните на Општините Карбинци и Штип, попушти лани во декември и беше целосно забранет за сообраќај.

Обезбедени се 10 милиони денари, од кои 5,8 милиони до Министерството за локална самоуправа и 4,2 милиони од буџетот на Општина Карбинци. На местото каде механизацијата работеше на пристапен пат дојдоа министерот за локална самоуправа Горан Милевски и градоначалникот Виктор Паунов, кој очекува градежните работи за бидат завршени до крајот на годината.

-Она што ќе се работи е реконструкција на оној паднат столб кој што е попуштен некаде на средината на самиот мост и на површината на мостот. Нема да се реконструира целиот мост значи само оштетениот дел, што е проблем во моментот. Се надевам дека ќе биде реконструиран без посебни потешкотии до крајот на ноември или почетокот на месец декември, изјави градоначалникот Паунов.

 

Тоа дека се работи за витален мост беше пресудно да се одвојат средства од програмата Диспаритети, рече министерот Милевски, кој изјави дека жали што не успеале да ги обезбедат сите потребни средства, со оглед на тоа дека се работи за општина со мал буџет.

-Ова навистина претставува голем проблем за жителите на Општина Карбинци. Гледате дека мостот иако не е безбеден и официјално е забранет за сообраќај, сепак се користи од страна на жителите, бидејќи е најблиската точка до Штип и до сите правци коишто ја поврзуваат Општина Карбинци со остатокот да речам од светот и од државата. Мораше да се интервенира. Проблемот настана неочекувано, бидејќи еднаш веќе е реконструиран овој мост, ова е по втор пат се оштетува. Оваа програма е едногодишно отворени и можеше од неа да се интервенира. Другите програми од министерствата немаа простор да интервенираат. Имаме само 1,5 милиони евра од програмата и треба да ги задоволиме сите потреби на општините, кажа министерот Горан Милевски.

На терен е механизацијата на светиниколската компанија АГП, која го добила теренот. Претходно е направено пренасочување на реката Брегалница, која по последните дождови е надојдена. Се работи околу оштетениот столб, кој како што објасни претставникот на компанијата, му претстои санирање и враќање на стабилноста.

-Според техничкиот проект потребно е да санира столбот С1, да се подигне конструкцијата, да се покрене, да се санира тој пропаднат столб и темел и да се направи некога потпора за да може повторно да биде ставен во употреба, изјави Владимир Стамболиев.

Како и на останатите Општини и Карбинци се соочува со проблемот со енормно високите сметки за струја. Министерот за локална самоуправа го знае проблемот, особено на водоводните претпријатија, кои за користењето на струја за пумпите, плаќаат огромни сметки. Министерот Милевски изјави дека се бараат модалитети за помош на општините, бидејќи како што рече, на крајот последиците ги трпиме ние граѓаните, со добивањето на услугите од општините, како уличното осветлување, водоснабдувањето и слично. Во зависност од економските состојби и буџетот, владата тековно ќе донесува решенија, рече министерот Милевски.