Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изврши увид на градежните активности од последната фаза од проектот за изградба на полузатворен пазар.

Како што вели Јорданов, се очекува во наредните денови да се изврши бетонирање на самото плато, асфалтирање на пристапната улица до пазарот како и на просторот за паркирање, со што според него  драстично ќе се подобрат условите и за купувачите но и за продавачите.

  • Се потрудивме оваа година да го реализираме со години старото барање и во пресрет на сезоната кога најмногу се посетува градскиот пазар да создадеме нови и модерни услови. По завршувањето на градежните активности овие денови се очекува да бидат поставени и околу стотина нови тезги што ќе ги олесни условите и за купување и за продавање, истакнува Јорданов.

Тој додава дека се очекува во текот на наредниот месец комплетно да заврши изградбата на полузатворениот градски пазар, инвестиција која општината ќе ја чини нешто повеќе од 12 милиони денари.

Прашан дали на овој начин ќе се реши проблемот со дивите пазарџии во градот, Јорданов вели дека една од целите на оваа инвестиција е и токму тоа.

  • Целта е оние кои продаваат да се мотивираат да се лоцираат на платото на градскиот пазар, да не се узурпираат јавните површини, тротоарите, затоа што со години наназад се случуваше оваа појава, нагласува градоначалникот Јорданов.

Смета дека надлежноста на комуналните инспектори, но и на пазарната инспекција и на СВР Штип е пресудна за да се реши проблемот пред се со препродавачите и пазарџиите од другите градови, кој се провлекува со години наназад.