„Пастрмалијада“ во иднина би можела да донесе звучно музичко име од Европа, најави штипскиот градоначалник Иван Јорданов. Тој вели дека манифестацијата расте од година во година и привлекува илјадници посетители.

Јорданов најави можност за европско музичко име

„Пастрмалијада“ според него привлекува илјадници гости

Штип најавува продолжување на богатата културна програма

Манифестацијата „Пастрмалијада“ во наредниот период би можела да биде збогатена со настап на познато музичко име од Европа.

Јорданов посочи дека музичките имиња се еден од факторите кои влијаат врз посетеноста на манифестацијата, која, како што вели, секоја година привлекува илјадници гости од Штип и од други градови.

„Секако дека музичките имиња коишто настапуваат се оние кои се популарни и оние кои ќе го привлечат вниманието, затоа што за да има посетеност и за да има гости, потребно е да бидат популарни музичките имиња за да можеме да броиме илјадници гости кои ќе доаѓаат од страна“, рече Јорданов.

Тој додаде дека, доколку се создадат услови, покрај балканските изведувачи, на „Пастрмалијада“ би можело да настапи и музичко име од Европа.

„Оваа манифестација расте, се зголемува со посетеност од година во година и со некое друго звучно музичко име од Европа. Така да се надевам, како ќе минува времето, така ќе ја надоградуваме организациски оваа манифестација која во последните неколку години предизвика позитивни реакции од сите кои беа на неа, не само од штипјани, туку и од гостите од страна“, изјави градоначалникот.

Во интервјуто Јорданов се осврна и на „Макфест“, за кој рече дека Општина Штип е единствен локален самоуправен орган во земјава кој финансира, организира и промовира создавање македонски забавни композиции преку фестивалот.

„Суштината на фестивалот Макфест е да се создаваат македонски забавни композиции на годишно ниво. Општината е единствен финансиер на овој фестивал, организатор на единствениот фестивал на забавна музика Макфест и затоа велам дека е единствена општина која ова го прави“, рече Јорданов.

Тој посочи дека културната понуда на Штип не се сведува само на „Макфест“ и „Пастрмалијада“, туку во текот на годината се организираат и други музички, културни и гастрономски настани.

Меѓу нив ги наведе „D-Festival“, „Stip Street Food Festival“ и „Piano Golden Talents“, како и новогодишната програма која, според него, трае повеќе од еден месец.

Јорданов очекува и годинашното издание на „Макфест“ да донесе нови музички хитови и да продолжи традицијата на создавање македонска забавна музика.