Новиот кружен тек на булеварот „Партизанска“ во Штип влегува во завршна фаза. Во тек е асфалтирањето, а градежните активности треба да завршат во текот на утрешниот ден, по што ќе се овозможи непречено одвивање на сообраќајот.

Асфалтирањето на кружниот тек е во завршна фаза

Градежните активности треба да завршат утре

Најавени нови решенија и за други ризични сообраќајни точки

Завршува изградбата на новиот кружен тек на булеварот „Партизанска“ во Штип, со кој Општината очекува поголема безбедност и подобар проток на возила на овој потег.

Во тек е нанесувањето на асфалтната маса, а според најавите на градоначалникот Иван Јорданов, градежните активности треба да бидат завршени во текот на утрешниот ден.

„Моментално се наоѓаме на булеварот „Партизанска“, на завршните активности поврзани со кружниот тек, кој во моментот се асфалтира. Со денешните активности и во текот на утрешниот ден, нанесувајќи ја асфалтната маса, верувам дека ќе бидат завршени предвидените градежни активности за ставање во функција на овој дел од булеварот „Партизанска“ и непречено одвивање на сообраќајот“, изјави Јорданов.

Тој посочи дека со изградбата се реализира планираното сообраќајно решение, кое треба да понуди поголема безбедност на овој потег.

Јорданов најави дека слични решенија би можеле да бидат применети и на други точки во градот кои се оценети како помалку безбедни или сообраќајно ризични.

„Верувам дека и останатите точки во градот, помалку безбедни и сообраќајно ризични, по типот на вакво сообраќајно решение, со кружен тек, ќе бидат истретирани“, рече штипскиот градоначалник.

На прес-конференцијата тој најави и дека Општината размислува за решение на проблемот со крстосницата кај булеварот „Гоце Делчев“. Предвидено е и продолжување на овој булевар.

Според Јорданов, по завршувањето на актуелните активности ќе се пристапи кон изнаоѓање соодветно решение и за сообраќајницата кај „Гоце Делчев“, со цел постепено да се подобрува безбедноста и протокот на возила на точките кои во минатото претставувале сообраќаен ризик.