Со поставувањето на најразлични реквизити, содржини и осветлување, пределот покрај пешачката патека во нашиот град доби нов лик, а љубителите на животните добиваат ново омилено место за прошетка на своите домашни миленици. Штип го добива првиот парк за миленици.

Градоначалникот Иван Јорданов денес изврши увид на активностите на терен и изрази надеж дека наскоро и останатиот потег долж пешачката патека ќе се оплемени со дополнителни содржини.

  • За прв пат се создава ваква содржина во нашиот град, се надевам дека и останатата површина долж пешачката и велосипетската патека покрај река Брегалница ќе се оплемени со нови содржини и на тој начин ќе го збогатиме овој дел од градот за да можат граѓаните квалитетно да го поминат своето слободно време, вели Јорданов.

Вкупната инвестиција за реализација на овој проект е нешто помалку од еден милион денари, а како што вели градоначалникот Јорданов дел се обезбедени од ЛАК Плачковица, еден дел од општествено одговорни компании, а нешто повеќе од половина милион денари се од општинскиот буџет.

Во наредниот период Јорданов најавува уште низа вакви и слични проекти особено за потребите на најмладите жители.

  • Ова е само еден од проектите кои што ги предвидуваме за нашите сограѓани. Во периодот кој што следи она што е наш приоритет е и изградба на картинг патека како и вештачка карпа за најмладите, за да можеме комплетно да ги анимираме сите наши сограѓани, истакна градоначалникот.

Од ЛАК Плачковица потенцираат дека секогаш се со добра волја за поддршка на ваквите иницијативи, а средствата за конкретниот проект ги имаат обезбедено преку проект финансиран од УСАИД.

Во текот на наредните неколку дена со комплетирањето на завршните активности се очекува паркот за миленици и официјално да биде пуштен во употреба.