Завршија се градежните активности за новата Филтер-станица во општина Карбинци. Во овој капитален објект, кој со вода за пиење ќе снабдува осум села во оваа општина, започна и  монтирање на опремата во објектот, со што ќе може да се прима вода од Хидросистемот „Злетовица“.


Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев, вели дека со изградбата на Филтер-станицата се решава неколкудеценискиот проблем на жителите на Карбинци, кои сега се снабдуваат со вода за пиење од локалните водоводи и бунари.
„Со изградбата на Филтер-станицата ќе се овозможи непречено снабдување со вода за пиење на населените места Карбинци, Козјак, Аргулица, Таринци, Долни Балван, Нов Карорман и Радање, каде што живеат околу 3000 жители или 75 проценти од вкупниот број жители на Општина Карбинци“, рече Насев.


Капацитетот на Филтер-станицата е 40 литри во секунда, а со пуштањето на водата Општина Карбинци го решава проблемот со водоснабдувањето во наредните 100 години.
Средствата за реализација на проектот Филтер-станица Карбинци, во вкупен износ од 105, 3 милиони денари, се обезбедени од државниот буџет преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во моментов се чека на јавен повик за изградба на пристапен пат, кој ќе чини 14.305.758 денари, како и цевковод до населените места, а инвестицијата е над 44 милиони денари.