Со подароци за првачињата, но и за постарите ученици започна новата учебна година во училиштата во Македонска Каменица. На  пригодната свеченост во ООУ “Кирил и Методиј”  успешен почеток на учебната година на учениците  во училишниот двор им посакаа директорката  училиштето Габриела Стоименовска и градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова.

Сите ученици добија училишен прибор донаран од Europ’Raid организацијата ,која што ја посети Македонска Каменица во почетокот минатиот месец.

Останатиот дел од донираните материјали претежно се наменети за потребите на ООУ “Кирил и Методиј” и СОУ “Миле Јаневски – Џингар”, како и за најмладите, од детска градинка “Бамби”, потоа за  КИЦ “Романса”, ФК “Каменица САСА, КК Баскет Кам и останати спортски и граѓански здруженија.

Во ООУ “Кирил и Методиј” учат  524 ученици. Дел од нив посетуваат настава во училиштата од селските средини и тоа во село Саса, Моштица и Цера.

Оваа година бројот на првачиња е 58, што за разлика од минатите години е бројка со благ пораст на запишани ученици во прво одделение.

Учениците, во рамки на училиштето поделени во 8 паралелки, имаат можност да посетуваат настава со продолжен престој која трае до 15 часот.