После долги години ќе се реконструираат неколку краци од улици во населбата Каваклиски рид, а како што истакна на денес градоначалникот Иван Јорданов, активностите на терен веќе се започнати и се очекува во текот на наредниот период да се постави и осветлување. Во меѓувреме е променета водоводната и канализациска мрежа.

  • Станува збор за населба, којашто долги години не беше урбанизирана, уредена, затоа што жителите од ова населба немаа основен степен на уреденост. Немаа водовод, канализација, пристапни улици, осветлување, етапно решивме одреден број на проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните. Водоводната линија и притисокот на вода, којшто беше главен проблем во оваа населба во изминатата година го решивме, пред извесно време беа бетонирани одредени краци од самата населба, одредени пристапи. Денес продолжуваме во останатиот дел од населбата Каваклиски рид, рече Јорданов.

Инвестицијата е вредна околу 800.000 денари, а станува збор за пари издвоени од Буџетот на Општина Штип.

Како што најави градоначалникот Јорданов, од наредната недела се очекува започнување на градежни активности на терен за доизградба на булеварот „Партизанска“, инвестиција вредна околу 2 милиони евра, како и активности за реконструкција на спортскиот центар „Џексон“ инвестиција вредна над еден милион евра.