Како резултат на заечестените пожари кои во изминатиот период беа активни на територијата на општина Македонска Каменица, денес во кабинетот на градоначалникот Соња Стаменкова се одржа вонреден состанок на Локалниот координативен штаб за управување со кризи.
На Состанокот беше разговарано за мерките кои треба да бидат превземени според насоките и задолженијата од 11-та Седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи на Република Северна Македонија, одржан на 07. Март 2019 година. Сите чинители во системот за справување со пожари на отворено и шумски пожари на територијата на општина Македонска Каменица беа запознати со своите обврски и задолженија. Заклучоците од денешниот вонреден состанок ќе бидат доставени до сите надлежни институции во општина Македонска Каменица и РСМ.
Според дадените насоки, донесен е заклучок за воспоставување на редовни дежурства во ЈП „Камена Река“ Македонска Каменица и ТППЕ Македонска Каменица. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со ЈП Национални шуми, доколку оценат за потребно, да воведат ограничување на движењето на сите лица во шумите и шумските појаси. Да се информира јавноста за постоењето на забрана за палење на стрништа како една од превентивните мерки за спречување на шумски пожари, како и за опсноста о настанување на истите. Државниот инспекторат да да ги известат корисниците на ловиштата за можна потреба од нивно превентивно вклучување во заштитата при евентуална појава на пожар. Да се зголеми соработката и координацијата со регионалните центри за управување со кризи. Користење на контактите преку бесплатниот телефонски број 195, достапен 24 часа на целата територија на РСМ.
Исто така, во склад со овие мерки, покрај утврдувањето на состојбата со персоналните ресурси, беше утврдена и моменталната состојба на оперативните и материјално-технички потенцијали и нивно ставање во функција на превенција, интервенција и справување при евентуална појава на пожар. Истата треба да биде доставена до Центарот за управување со кризи и до Дирекцијата за заштита и спасување.
Покрај преземањето на превентивни мерки за спречување на евентуални пожари, на состанокот на Локалниот координативен штаб за управување со кризи беше утврдена и потребата од казнени мерки и санкции против сторителите-предизвикувачи на пожари, предвидени во законските регулативи на РСМ.
Еден од заклучоците на вонредниот состанок на Локалниот координативен штаб за управување со кризи беше и подигање на свеста кај населението да не преземаат противзаконски активности, преку зголемување на медиумската кампања во таа насока.