„Подготовките се одвиваат според планот и годинава очекуваме струмичкиот карневал да го задржи своето високо ниво“, рече Александар Цицимов, претседател на Организациониот одбор на струмичкиот карневал на прес конференцијата на која беа презентирани досегашните подготовки и очекувања од ново издание на струмичкиот карневал.
„Иако годинава подготовките се одвиваат во многу сложени услови поради многу причини, ќе успееме струмичкиот карневал да го задржи своето високо ниво. Еден од главните проблеми кој што се појави е тоа што католичкиот и православниот Велигден се во ист термин и поради тоа нашите традиционални учесници од Хрватска, Словенија и Италија, нема да можат да бидат присутни овде, па затоа ние се потрудивме да обезбедиме карневалски групи од други дестинации кои немаат свои традиционални карневали со што зацртаната бројка од околу 450 учеснци од странство и годинава ќе биде исполнета. Можам да кажам дека за прв пат ќе имаме учесници од Москва, имаме посебно изненадување со група од холандските антили и останатите ќе бидат наши традиционални групи од опкружувањето, Србија, Црна Гора, Бугарија и Албанија, рече Цицимов.
Годинашното карневалско издание ќе се трае од 22 февруари до први март, а главната интернационална карневалска вечер ќе се одржи на 25 февруари.