Никола Ковачевиќ, Лаура Јорданова, Ева Димитровска, Ена Стојановска и Борис Пилатов од основните, како и Макрина Јорданова, Драган Дончевски, Ана Атанасова и Јована Блажева од средните општински училишта се добитници на вредносните ваучери од по 5000 денари кои денес за прв пат оваа година Општина Штип ги додели на најзаслужните во генерацијата.
Станува збор за ученици кои особено се истакнале во воспитно образовниот процес во текот на своето школување, кои покажале пример со своето однесување и своите достигнувања, како еден ученик треба да се залага и да постигнува резултати, велат од одделението за образование при општина Штип.
Според зборовите на градоначалникот Јорданов, стипендирањето на најдобрите ученици е пракса воведена од минатата година, а целта на овој настан е да се даде мотив повеќе и на учениците но и на професорите и родителите за постигнување уште поголеми резултати кои не сомнено ќе го направат Штип подобро место за живеење.
- Од минатата година започнавме со стипендирање на најдобрите ученици кое од оваа година ќе го зголемиме како вкупен износ и убеден сум дека најголем дел од учениците кои се првенци во генерацијата ќе го исполнат критериумот да можат на месечно ниво да добиваат стипендија која ќе биде мотив повеќе да продолжат по трасираниот пат, нагласи градоначалникот Иван Јорданов.
Јорданов додаде дека ваквите случувања се стимул и за општината, во наредните години да издвои повеќе финансиски средства од општинскиот буџет, на кој начин би се зголемила можноста поголем број деца да се вклучат во стипендирањето, што пак ќе придонесе да се создадат вистински вредности кои несомнено ќе значат и поголем развој на градот.
- Голема чест претставува тоа што општината ги препознава нашите капацитети и можности и со тоа не мотивира да продолжиме и понатаму да се едуцираме и да постигнуваме нови височини, рече Драган Дончевски, ученик од средното општинско училиште Коле Нехтенин.
Како еден од првенците во генерацијата, нагласи дека своето образование планира да го продолжи во Скопје на УКИМ на факултетот за електронски науки.