Започнаа градежните работи во населбата Св. Недела. Според зборовите на градоначалникот Иван Јорданов во тек се подготовките за поставување асфалтна маса на неколку краци од улици во населбата.

  • Во изминатите месеци во комуникација со жителите од оваа населба нотиравме неколку краци од улици коишто беа заборавени, не беа асфалтирани. Ветивме, ги предвидовме и ги ставивме во Програмата за уредување на градежно земјиште и започнуваат активностите за подготовка за асфалтирање. Во наредните денови ќе се асфалтираат овие краци од улици и со тоа неколку десетина домаќинства ќе бидат опфатени со асфалт до нивните домови, нешто коешто е нормално во 21. век, вели градоначалникот Јорданов.

Јорданов нагласи дека во текот на изминатиот период се работеше и во населбата Железничка, а асфалтирани беа и неколку улици во централното градско подрачје. Тој додаде дека се користи секој ден од градежната сезона која е при крај за да се завршат предвидените активности од Програмата за уредување на градежно земјиште. Уште еднаш потенцираше дека со активностите ќе биде опфатена секоја населба, а она што нема да се реализира сега ќе биде предвидено за следната година.

  • Паралелно, освен во оваа населба се работи и во населбата Каваклија, се работи и во други населби, така што очекуваме наредните денови да бидат завршени сите оние проекти коишто сме ги ветиле и коишто ќе бидат во интерес на граѓаните, истакнува Јорданов.

За асфалтирањето во населбата Света Недела предвидени се околу 600.000 денари од општинскиот буџет.