Во завршна фаза се активностите за пуштање во функција на хуманитарната паркинг зона во Штип. Според зборовите на директорот на ЈП Стипион, Панче Стефановски во тек се техничките подготовки, што подразбира набавка на соодветни табли и сообраќајни знаци, како и набавка на бои за обележување на хуманитарните паркинг места во градот.
Во меѓувреме се разговара и со заинтересирани уметници и професори кои со своите креативни идеи и дела би ги разубавиле овие паркинг места, вели Стефановски.
- Во тек е разговор со некои луѓе кои се пријавија доброволно да учествуваат во оцртувањето на паркинг позициите, некои професори од универзитетот и од училиштата, но може да се пријави било кој што сака да учествува, повикот е отворен до самиот крај, истакна Стефановски посочувајќи дека нема да бидат обележани сите паркинг места но сепак ќе има јасна дистинкција кои позиции се а кои не се во хуманитарната зона.
Како што вели директорот Стефановски, целта на овој проект е да се обезбеди поголем паркинг простор на оние на кои им е ургентно потребен, но и простор кој доброволно и самоиницијативно ќе го користат оние кои сакаат да платат малку поскап паркинг, а нивните средства да одат во хуманитарни цели.
- Токму поради тоа на паркинг позициите во оваа зона нема да важат повластените, ниту годишните карти, единствено повластени остануваат лицата со попреченост кои и понатаму ќе можат да се паркираат на соодветно обележаните позиции за инвалидни лица, потенцираше Стефановски.
Вкупно 20 проценти од наплатата од 131 паркинг место во Општина Штип ќе биде наменета за хуманитарни цели. Ваква одлука беше донесена на седница на штипскиот Совет минатиот месец, со што градот се вклучи во хуманитарната акција за зонско паркирање. Паркингот на овие обележани места ќе чини 30 денари, а хуманитарната паркинг зона се очекува да се стави во функција од почетокот на наредниот месец, нагласи директорот на ЈП Стипион, Панче Стефановски.