Изградба на фекална канализациона мрежа од скоро 7 километри, атмосферска канализациона мрежа од 2,4 километри и одводни канали е проектот кој почна да се реализира во Градско Балдовци. Инвестиционата вредност изнесува 85 милиони денари, средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски.
Изминатата недела градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и министерот за транспорт и врска, Благој Бочварски во Градско Балдовци беа во увид на терен.
-Сигурен сум дека со овој проект решаваме еден огромен проблем на жителите на Градско Балдовци, значително го подобруваме животниот стандард на населението, но и значително придонесуваме за заштита на животната средина, изјави министерот Бочварски.
Тој потенцираше дека преку Министерството за транспорт и врски во наредниот период ќе започне и изведба на дел од булеварот Братство и Единство, како дел од локалната патна мрежа во општината.
Градоначалникот Костадинов најави повеќе капитални проекти значајни за општина Струмица.
-На барање на жителите на Градско Балдовци ја започнуваме оваа инвестиција од околу 85 милиони денари, проект кој е од огромно значење и сум задоволен што она што го ветивме пред граѓаните, го исполнуваме. Ова е резултат од нашата заедничка соработка со Министерството за транспорт и врски и верувам дека соработката така и ќе продолжи. Уште еден исклучително важен проект кој го работиме со Министерството е реконструкцијата на регионалниот пат Струмица – Дабиле, кој очекувам да започне со реализација во наредните месеци, бидејќи компаниите изведувач и надзор се веќе избрани, рече Костадинов.
Како што е предвидено со проектот, отпадните води од домаќинствата и производствените погони преку 5 главни колектори ќе завршуваат во пречистителната станица, а атмосферските води преку 8 колектори ќе се спроведуваат до реципиентот – река Тркања. Изградбата на дел од колекторот „Муртино – Сачево – пречистителна станица“ е обврска на Општината Струмица, а останатото ќе биде производ на одличната соработка со Министерството за транспорт и врски.