Струмица стана првата општина која работи на Акциски план за лоцирање на загадувачите

Општина Струмица започна со изработка на Акциски план преку којшто ќе се лоцираат потенцијалните загадувачи, а ќе се подготват конкретни мерки и иницијативи преку кои општината заедно со инспекторатите ќе го решава проблемот  со аерозагадувањето. Акцискиот план е значаен чекор кон лоцирањето на загадувачите на воздухот, кој стана проблем последните години. Со оваа активности, Струмица стана првата општина во државата, која благодарение на партнерството со УНДП, издвојува 10 милиони денари за изработување на Акциски план.

-Благодарен сум за соработката со УНДП затоа што 20 милиони денари, 10 милиони денари од УНДП и 10 милиони денари од општина Струмица, се навистина важен ресурс кога станува збор за таа битка со аерозагадувањето. Веќе се преземаат радикални чекори, очекуваме дека до крајот на оваа недела да биде објавена и јавната набавка за набавка на електрични автобуси и конечно да го реализираме проектот Струмица прв град со целосно електрифициран превоз на Балканот. Таквите иницијативи, таквата соработка со УНДП и со други меѓународни институции, може само да ја зајакнуваме кога станува збор за здравјето на граѓаните, за заштита на животната средина и конечно еднаш засекогаш, справување со загадувањето на воздухот, рече градоначалникот Костадин Костадинов.

Општина Струмица е поддржана од УНДП заедно со  Куманово,  Кавадарци, Гостивар и Струга, каде се врши и мониторинг на загаденоста и во затворен простор што ќе се спроведе во едно основно училиште и градинка во Струмица.