Изминатата недела во Општината Делчево се одржа првата работилница во функција на спроведувањето на проектот за подобрување на капацитетите за управување на сообраќајот и операционализација на институционални промени. Делчево е една од петте пилот општини каде ќе се спроведува овој проект, кој ќе се одвива во три фази – изработка на водич за операционализација на институционалните промени, формирање локално тело за унапредување на безбедноста во сообраќајот и обука за унапредување на безбедноста во сообраќајот.
Воедно, локалното тело за безбедност во сообраќајот ќе треба да работи и на подготовка на стратешки документ – стратегија за безбедност во сообраќајот и акциски план и оперативни документи (годишна програма за работа) кои ќе бидат базирани на анализа која ќе ја земе предвид Директивата на ЕУ 96/2008 и 2019/1936 за управување со безбедноста на патната инфраструктура и со фокус на управување со црни точки (идентификација и приоретизација), инспекција/ревизија на безбедноста во сообраќајот, дизајн на безбедни патишта/улици, високоефикасни евтини мерки за безбедност во сообраќајот, мерки за смирување на сообраќајот, дизајн на патишта кои поминуваат низ населено место, дизајн за ранливи ученици во сообраќајот, пристап за приоретизација и буџетирање на интервенции итн.
Имплементацијата на овој проект во Делчево ќе придонесе за подобрување на капацитетите за управување со сообраќајот на локално ниво.
Проектот се спроведува од Министерството за транспорт и врски и Конзорциумот PLANET-CA, Грција и SUEZ– консултантинг, Белгија, преку кои е обезбедена техничка помош за реализација на проектната активност, а во рамките на проектот за поврзување локални патишта преку Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка.