(фото) Поглед на новиот градски пазар во Делчево

Заврши изградбата на новиот градски пазар во Делчево со што Делчево за прв пат добива современ градски пазар, каде ќе бидат испочитувани сите критериуми за соодветно чување и продавање храна и најразновидна стока.

Новиот градски пазар располага со 18 дуќани, 2 простории за администратор, 192 продажни пунктови, како и 4 санитарни јазли. Вкупната површина на објектот изнесува 2.408 м2 од кои 337,32м2 припаѓаат на затворениот дел со сопствени санитарии и влезови, а останатите 2070,9м2 се отворена површина, каде се сместени тезгите за продажба.

Наредниот период со одлука на Советот на Општина Делчево, новиот градски пазар ќе се предаде на стопанисување на ЈКП „Брегалница“ кое ќе има обврска да се грижи за објектот, но и да спроведе транспарентна постапка за изнајмување на тезгите и дуќаните во рамките на објектот-градски пазар.

Вкупната вредност на новиот градски пазар е 45 милиони денари. Од нив 50% се средства инвестирани од Општина Делчево, а останатите се од Владата на РСМ преку Агенција за финансиска поддршка на руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно-планскиот регион.

Со цел обезбедување инфраструктура во централно градско подрачје за непречена комуникација на сообраќај и пешаци кај новиот градски пазар, за оваа година, Општина Делчево во Развојната програма има планирано инвестиција во износ од 7,1 милион денари за изградба на улици во градскиот пазар, улица 6.1 и тротоари на улица 4.