Жителите од осум подплачковички села заедно со викенд населбата кај Вртешка, наскоро ќе добијат чиста вода за пиење. Во тек е изградбата на регионалниот систем за водоснабдување, за што сретствата во износ од 24 милиони денари се обезбедени од ТАВ програмата.
Вода ќе добијат околу 700 жители, но тоа ќе значи и чиста вода за пиење за 700 грла крупен добиток , 450 грла ситен добиток, околу 1500 на број живина.
Увид на овој значаен проект за Општина Карбинци, беше вицепремиерот Љупчо Николовски.
„ Преку ТАВ програмата за овој проект се издвоени 24 милиони денари, а во следната 2022 година, владата ќе издвои уште 30 милиони денари за негово целосно заокружување. Со овој проект граѓаните го решаваат проблемот со квалитетна вода за пиење, кои досега или немаат вода или водата не е квалитетна,“ изјави Николовски.
Со зафаќање на потребните количини на вода од каптажа која се наоѓа на висина од 1650 метри се зафаќа вода од 15л/с и оваа вода се слива во дренажа од каде што потоа заминува во цевководот. Со проектот се предвидува изградба на 14 километри цевковод со пропратни шахти и други објекти.