Трибина на тема „Темелна реформа за подобро, поквалитетно образование за нашите деца“ се одржа неделава во ООУ “Страшо Пинџур.“ На едно место во исто време , директорот, наставници, како и претставници на родителите дискутираа за најавените реформи.

 „Целта на трибината е преку разговори со родителите, со засегнатите, со наставниците да се даде придонес кон целосна информираност за процесот, да се разбере реформата која има за цел да го помести овој систем на ниво кое вистински ќе ги едуцира и воспитува нашите деца, ниво на кое наставниците ќе бидат задоволни и ќе имаат можност да напредуваат и да се надградуваат“, вели градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев.

 Присутните беа запознати дека, секој родител треба да знае дека реформите се осмислени да донесат промени, и дека не се популистички.

„Македонскиот модел на примена на материјали за учење е комбиниран. За учениците од прво до трето одделение ќе се обезбедуваат хартиени учебници, додека за учениците од четврто и сукцесивно во погорните одделенија ќе се обезбедуваат дигитални учебници како прва опција, но доколку некој има потреба од печатени учебници , училиштето каде посетува настава ќе ги обезбеди, а учениците ќе ја имаат можноста и самостојно да печатат дел или цел учебник. Лектирите исто така остануваат во печатена верзија во сите одделенија“, додава Насев кој што беше дел од трибината посветена на реформите во образованието.

Реформата во основното образование не предвидува само учебникот да е основно средство за едукација и совладување на наставната материја, туку тоа да биде и наставата и интеракцијата помеѓу наставникот и ученикот. Секое училиште ќе има обврска да обезбеди ИТ уреди, кои ќе им се даваат на користење на учениците кои во своите домови немаат услови ,односно не поседуваат електронски уреди за употреба на дигиталните учебници, беше кажано на трибината во образложението за најавените реформи.

„Не постои логика во тоа, дигиталната технологија и комуникација да се користи за игри, за Тик- Ток, буквално за се’, само за учење не,’ додава Насев.