Звуците од лимените инструменти маршираа под вештите команди на диригентот на Воениот оркестар на АРМ коишто одекнуваа во просторот и времето на огромниот плоштад на Виница.
Скромно но сепак уникатно, Општина Виница денес го одбележа денот на ослободувањето.
Виница во минатото има дадено великани, имиња коишто ги изговараме со голема почит, на кои гордо се потсетуваме и денес, рече градоначалникот Ивица Димитров во своето обраќање на плоштадот пред присутните.
„На 30 август 1944 година фашистичките сили под чија окупација била Виница, биле нападнати од страна на четвртата Македонска ударна бригада и градот под Плачковица е ослободен. Овој 30-ти август заедно го одбележуваме на начин којшто и доликува на Општина Виница, со давање почит на хероите од оваа поднебје,“ рече Димитров.
Општина Виница и денес создава големи херои но такви кои што оставаат белег на креативен, нов начин, херои на модерното време, додаде градоначалникот.
„Домот е света работа, да се биде свој на своето е желба на секој, на секоја нација во Светот. Да се поздравува слободата на секое изгрејсонце, да се зборува и твори на сопствен јазик, слободно да се учи, за сопствените вредности и историја, да се негува својата традиција и културата е вредно за секаква жртва. Нашите, оваа гордо чувство го имаат спечалено со многу крв и со многу мака. Да се прифати дека сме само зрно во мозаикот на една голема идеја ,,Слободна Македонија“, потенцира Димитров.
Но, не само со звуците на воениот оркестар, присутните виничани на плоштадот , уживаа и во свечениот настап на Баталјонот за почести, нешто што за прв пат беше претставено на одбележување на една манифестација како што беше денес, одбележувањето на денот на ослободувањето на Општина Виница.
Пред почетокот на манифестацијата, делегации положија свежо цвеќе пред спомен бистата на Генерал-мајорот, Кирил Михајловски-Груица а по свечениот дел се продолжи работно со седница на Совет.