19.10.2018

Повеќе интересни содржини и  гостувања со комедии на повеќе театри ќе може да проследи публиката на годинашното издание на фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“ што од понеделник, 22 октомври, до сабота традиционално ќе се одржи во Виница. На отворањето в понеделник од 19 часот ќе биде поставена изложба на карикатури од карикатуристи што учествуваа на конкурсот на тема „Часовникот на судниот ден“, а потоа ќе биде изведено кабаре-шоуто на Никола Тодоровски и Стрезо Стаматовски, „Од две мајки“.

Во вторник од 13 часот ќе се одржи работилница „Театарски речник од деца за деца“, а вечерта ќе биде отворена изложба на карикатури од Дарко Дрљевиќ, а ќе биде промовирана и книгата „Трагачи по парадокси“ од Миле Ѓорѓијоски. Следните четири вечери ќе бидат резервирани за театарски претстави што почнуваат во 20 часот. В среда ќе гостува МНТ со „Кец на десетка“, в четврток Театарот од Трјавна, Бугарија, со „Љубов под хипноза“, в петок театарот „Комедија“ со Дони Дарк“, а в сабота кумановскиот театар „Трајко Прокопиев“ со „Мани, мани, мани“.

Сите настани ќе се одржат во „Сината сала“ во општинската зграда. Организатор на „Ин Виница веритас“ е Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница, а помагатели на фестивалот се виничката локална самоуправа и Министерството за култура.