Клинкање, трчање во вреќа, на патерици, со врзани очи, трчање наназад, со врзани очи, со шише на главата, трчање со јајце на лажица во устата – беа дел од старите дисциплини што ги практикувале виничани уште пред еден век, на кои виничани секоја година се потсетуваат масовно доаѓајќи на Градскиот стадион и учествувајќи во Тодоровите трки, што е можност и за масовна дружба и забава на околу 5.000 луѓе

Речиси сто години трае убавата традиција во Виница речиси цел град да се трка на Тодорица, празник што со векови се слави во овој град. Популарните Тодорови трки секоја година се одржуваат на самиот празник Тодорова сабота, со исклучок на годинава, кога беа поместени за следната сабота, бидејќи претходната од Министерството за образование беше прогласена за работна, па учениците мораа да одат на училиште, а тие се повеќе од 80 отсто од обично околу 1.000 учесници што учествуваат во трките.

Но, и една недела подоцна од традицијата, во саботата, на 23 март, Градскиот стадион во десетилјадната Виница, каде што се одржуваат Тодоровите трки, беше полн. Се тркаа околу 1.000 виничани и луѓе од виничките, кочанските и од каменичките села, а од трибините ги следеше четириилјадна публика.

А на програмата, покрај класичните, традиционално се и атрактивите стари трки што во овој крај се практикувале пред 50, 100 години – трчање во вреќа, на патерици, клинкање, трчање со врзани очи, трчање наназад, трчање со јајце на лажица во устата, трчање со шише на главата, а имаше и натпревари во влечење јаже и во брзо јадење тортини…

Уникатна и единствена манифестација

Првите вакви трки во чест на Тодорица во Виница се одржале во 1926 година. Станале традиција и се одржувале секоја година. Пред дваесетина години таа традиција беше прекината, но од 2010 манифестацијата беше реактивирана и повторно се одржува редовно.

– Тие атрактивни стари трки и обичаи не се заборавени. Децата и внуците го прават она што го правеле нивните родители, дедовци, прадедовци. Среќни сме што трките одлично се прифатени од младите, кои масовно и со задоволство учествуваат на манифестацијата – вели членот на организацискиот одбор, Ристе Георгиевски.

Виничкиот градоначалник Ивица Димитров истакнува дека ова е уникатна и единствена манифестација на забава и дружба за сите генерации, која е посетена и од жители на соседните општини.

Директно во организацијата беше вклучен и Тони Велков, претседател на Советот на Општината Виница.

– Организатор на Тодоровите трки е виничката локална самоуправа, но тие несебично се поддржани и од бизнис-секторот од Виница и од Кочани. Манифестацијата годинава имаше и хуманитарен карактер. Активисти на Црвениот крст овде, на стадионот, собираа средства за наша сограѓанка, кои се потребни за најзино понатамошно лекување по сообраќајна несреќа што ја имала – истакнува Велков.

Игрите на дедовците ги учат од мали нозе

Меѓу учесниците во трките имаше и многу натпреварувачи со 50, 60, па и повеќе години.

– На Тодоровите трки, во трката со патерици, учествувам веќе триесетина години. Научив да одам и да трчам на патерици уште како дете. Досега имам повеќепати и победувано во оваа дисциплина на Тодоровите трки – вели виничанецот Радојче Илиев, кој и годинава беше победник во трката на патерици.

Во трката „Златно доба“ за дами победи 52-годишната Светлана Јованова од селото Градец.

– Четврти пат учествувам во оваа трка, но ќе продолжам и понатаму – истакнува Јованова.

Оние што освоија прво, второ и трето место во сите категории добија награди. Пред и помеѓу трките настапија пејачи и групи, а додека траеја трките поддршка на натпреварувачите им даваше дувачки оркестар.