Четириесет и осум социјално загрозени семејства од Пробиштип, по Нова година ќе добијат свој дом. Социјалната зграда е комплетно завршена, останува само да се направи техничкиот преглед. По завршувањето на претстојните локални избори, ќе треба да започне постапката за нивната распределба. Увид денес во зградата направија Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Христијан Трајковски и градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов.
„ Денес сме на увид на социјалната станбена зграда којашто ќе претставува станбено решение за многу социјално ранливи семејства од Општина Пробиштип. Социјалните станови се завршени, техничкиот прием на зградата ќе биде направен наскоро по што таа ќе биде подготвена за распределба. Постапките за распределба, ќе бидат реализирани по распишаните локални избори. Вредноста на целиот објект изнесува 68,8 милиони денари. Социјалните станови ќе бидат распределени во транспарентна постапка, преку електронска распределба согласно методологијата за бодирање на кандидати за добивање социјални станови под закуп,“ изјави Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Бочварски информираше дека со програмата за изградба и одржување на социјални станови во изминатите неколку години изградени се околу 750 станбени единици а во овој момент во тек на изградба се преку 600 вакви станови, на осум локации во осум општини низ државата.
Зградата е завршена согласно роковите коишто се предвидени, за 18 месеци, изјави директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Христијан Трајковски.
„Од обиколката што ја направивме , се уверивме дека сето тоа што беше предвидено , веќе е направено. Се работи за 48 станбени единици, распоредени во две ламели по 24 стана, кои во наредниот период, по локалните избори ќе бидат распределени на оние граѓани кои што заслужуваат станбени единици од ваков вид,“ потенцира Трајковски.
Убаво е чувството кога ќе се заврши било каков проект којшто значи подобрување на условите за живот на граѓаните, особено еден ваков проект којшто навистина многу значи за пробиштипјани, изјави градоначалникот Драган Анастасов.
„Јас им ги знам проблемите токму на овие категории на наши сограѓани коишто ќе можат да аплицираат согласно правилниците кои што ќе ги објават Министерствата и со тоа ќе можат да решат суштински проблем, односно да имаат свој кров над главата,“ изјави Анастасов.
Во прилог на поквалитетен живот на граѓаните во Општина Пробиштип, Министерот Бочварски ги потенцираше, рехабилитацијата на патот Пробиштип-Злетово, како и пуштањето во употреба на патот од селото Крупиште до Пробиштип. Овој пат беше темелно реконструиран во должина од 18 километри со што дополнително се скрати времето за патување до Штип, Скопје и до сите околни општини во регионот.