На патот кон трансформација на Скопје во модерен и чист европски град огромна улога ќе одигра и воведувањето на БРТ системот како современо сообраќајно решение.
За разлика од стандардните дизел автобуси кои значително влијаат на аерозагадувањето во Скопје, БРТ системот користи хибридни автобуси кои комбинираат електрична енергија и компримиран природен гас, во склад со последните европски стандарди.
Дополнително, со воведувањето на две линии со коридори резервирани само за БРТ автобусите, директно ќе се намали и сообраќајниот метеж, а честата фреквенција на БРТ автобуси на секои 3-4 минути значи и дека патниците ќе можат да стигнат од едниот до другиот крај на градот за само 35, наспроти сегашните 70 минути.
БРТ проектот се реализира во соработка со ЕБРД и е еден од клучните проекти кои се дел од Акцискиот план за зелен град.