Младинскиот културен центар од денеска е полноправна членка на најреномираната мрежа на концертни сали во Европа, Liveurope. Станува збор за мрежа на легендарни европски концертни сали кои се од огромна важност за функционирањето на европската музичка индустрија. За деталите поврзани со ова членство, на денешната прес-конференција зборуваа градоначалникот Петре Шилегов, директорот на МКЦ, Русе Арсов и музичкиот уредник во МКЦ, Владица Младеновски.

„Liveurope е платформа која се перцепира како сертификат за квалитет кој се доделува на концертни сали кои работат посветено на претставување на европската култура, на европската музичка сцена. До минатата година имаше 16 вакви концертни локации од 16 држави во Европа, меѓу кои се Ансен Белжик од Брисел и Вега од Копенхаген, а единствена од регионот беше Кино Шишка од Љубљана. Од годинава, МКЦ заедно со уште 4 концертни сали од Линц, Братислава, Загреб и Солун стануваат дел од оваа платформа, со што и официјално се потврдува вредноста која што МКЦ ја има во културниот живот на државата и во културниот живот на градот, но и во посветеноста на промоцијата на европските вредности и на европската култура на младите автори во Македонија кои се дел од оваа сцена. Во таа насока сакам да упатам голема благодарност до екипата на Младинскиот културен центар која со својата посветена работа во овие тешки цивилизациски услови успеа не само да се одржи, туку успеа да израсне во јадро на македонската култура. Во услови на светска пандемија успеавме лани да имаме концерти во секое едно маало во нашиот град во проектот „Култура во време на корона“, одржавме над 130 концерти и горд сум што како град ја имаме единствената јавна институција која е дел од европска мрежа на културни институции“, рече Шилегов.


Со тоа, додаде тој, Град Скопје се позиционира како битна локација во европската и светската музичка сцена и дополнително се приближува до престижното признание Европска престолнина на културата за 2028 година, на што Град Скопје посветено работи изминатите три години.

„Ова е награда за се она што го работевме изминатите години, а посебно последната година во време на пандемија кога успеавме да сработиме околу 130 концерти. Мрежата е првенствено насочена спрема младите бендови и нивната европска промоција, како и кон промоција на европските бендови на нашата сцена“, објасни денеска Русе Петров.

Liveurope, која e најстарата европска музичка платформа создадена со цел соработка на култни музички центри кои работат заедно за да ја зајакнат различноста на европската богата музичка сцена е кофинансирана од Креативна Европа, програма на Европската унија.

На овој линк може да погледнете како изгледаше денешниот настан.