По 35 години конечно се реконстуирани тоалетите во средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип. Инвестицијата е вредна околу 2,4 милиони денари, а средствата се обезбедени од општината.

-Освен ова, набавена е и опрема за потребите на профилот фармација. Набавената опрема е во висина од 265 илјади денари. Во тек е и реконструкција од околу 1,5 милиони денари на кабинетот за изведување практична настава по фармацевтски и хемиски предмети, рече градоначалникот Сашко Николов.

Директорката на училиштето, Маја Гичева, вели дека и е огромна чест што по толку долго време се реконструирале тоалетите кои биле во релативно лоша состојба. За неа вели особено е значајна реконстукцијата на кабинетот по фармација, бидејќи на овој начин, како што рече, ќе створат квалитетни кадри кои веднаш ќе бидат спремни за пазарот на трудот.

Во пресрет на новата учебна година, Гичева истакна дека имаат 834 слободни места. Во рамки на училиштето има четири профили – медицинска сестра, забен техничар, фармацевтско-лабораториски техничар и физиотерапевтски техничар, а новина е што од годинава ќе се отвори и нов профил – медицински санитарен лабораториски техничар.

Градоначалникот Николов најави дека ќе продолжат да работат посветено со цел подигање на нивото на образовниот процес, условите во училиштата и создавање на соодветен, квалитетен кадар кој ќе може интелектуално и академски да го надградува функционирањето на општината. Тој најави реконструкција на кабинетот за забни техничари и целосна реконструкција на училишниот двор.