Средните и основни училишта во Општина Штип, второто полугодие го започнаа со поголем број отсуства и со 50 ученици помалку, истакна денес раководителот на секторот за образование во општината, Снежана Санева.

Според податоците на училиштата, во второто полугодие во средните училишта ќе има помалку 26 ученици, а во основните училишта оваа бројка е 24, што според Санева е последица на исселувањето на овие деца заедно со своите семејства надвор од државата.

  • „Второто полугодие започна со поголем број отсуства, но според дојавите на родителите, причините главно биле здравствени, како настинки, грип и слично. Единствена непознаница е случајот со ОУ ‘Гоце Делчев‘, каде има 25 отсуства на ученици без да е кажано кои се причините за тоа“, вели Санева.

Таа нагласува дека нема училиште кое посебно отскокнува, односно бројот на заминати ученици во странство во ова второ полугодие се движи од седум до десет ученици во секое училиште во Штип.

Лани наставата во второ полугодие не ја почнаа 81 ученик, односно нивните родители побараа исписници за заминување во странство, потсетува Санева.

Според информациите од Секторот за образование во Општина Штип, од денеска нормално се одвива наставата во сите основни и средни училишта во општината, функционира јавниот градски превоз, а училниците се затоплени за нормално одвивање на наставата.