По повод чествувањето на празникот Св. Петка Параскева, Општина Штип организира бесплатен превоз за сите верници кои сакаат да го посетат манастирот во село Љуботен. Тргнувањето е закажано за петок во 07:00 часот од трговскиот центар во Штип, а враќањето е планирано во 15:00 часот истиот ден.
Целодневната манифестација ќе биде исполнета со богослужби, музика и традиционална храна. Во текот на денот ќе се приготвува посно гравче, а во вечерните часови верниците ќе можат да вкусат вкусна јанија. Свечените литургии ќе се одржат и вечерта и следното утро, по што ќе следува културно-забавна програма со народни игри, песни и заедничко славење.
Од црковниот одбор информираат дека, како и претходните години, очекуваат голем број посетители. Мнозина доаѓаат со желба да се поклонат пред иконата на Света Петка, но и да го пронајдат внатрешниот мир, духовна утеха и надеж во овие тешки времиња.
Исто така, граѓаните ќе можат да ги користат и редовните утрински линии од сите населени места што се дел од јавниот превоз, со цел навремено да пристигнат до трговскиот центар – почетната точка за организираното поаѓање кон Љуботен.




