Штип повторно ќе блесне во моден сјај – второто издание на „Shtip Fashion Days“ ќе се одржи на 10 и 11 октомври, овој петок и сабота, со почеток во 19 часот. Настанот, организиран од Општина Штип, има за цел да создаде платформа за промоција и поврзување на млади дизајнери и помали модни брендови со етаблирани компании од текстилната индустрија.

Како што истакна Вишна Шорова-Ангелова од организаторскиот тим, настанот е осмислен да ги охрабри младите креативци и студенти од модните академии да стапат во контакт со поголемите играчи на пазарот и да обезбедат поголема видливост – како на домашно, така и на меѓународно ниво.

На модните ревии кои ќе се одржат во текот на двата дена, публиката ќе има можност да види колекции за есен-зима 2025 од вкупно десет учесници: три високообразовни институции, четири мали независни брендови и три големи текстилни компании.

„Преку овој настан сакаме да изградиме мост помеѓу академијата и индустријата, каде што младите ќе добијат шанса да се промовираат, а истовремено и компаниите ќе имаат можност да го прошират својот пласман“, додава Шорова-Ангелова.

Покрај модните ревии, во програмата се вклучени и инфлуенсери кои ќе придонесат настанот да допре до поширока публика, особено меѓу помладата генерација. Влезот е слободен и се очекува голем интерес од љубителите на модата и поддржувачите на домашната текстилна сцена.