Над 120 лица годинава биле жртви на насилство. Најголем број од овие лица се жени, а осум биле мажи, но и тие биле жртви на други мажи – факт што, како што вели претседателката на штипскота организација „ЕХО“, не смее да се занемари.
По овој повод, во рамки на 16 дневната кампања против родово базираното насилство против жени и девојчиња, чие овогодинешно мото е „Да се обединиме против родово базираното насилство“, денеска во Штип сите релевантни институции и граѓански организации преку марш кој започна од општината, па преку централното градско подрачје заврши пак пред неа, го изразија својот протест против насилството.

– Во најголем дел жртви на семејно насилство се уште жените и тоа од своите сопрузи, во 85 отсто од случаите. Насилството се зголеми особено за време на ковид кризата, при сите оние непопуларни мерки, карантини и сл. Последиците сега се гледаат затоа што имаме и нови видови насилство, можеби не се нови ги имало и порано, но не се препознаени, како што е демнењето, посебно интернет демнењето, насилство на работно место врз жени, како од претпоставени, така од соработници, насилство на јавно место и во образование. Насилството врз жени, според она што ние го имаме како информација, е зголемено за 40 посто, вели претседателката на „ЕХО“ Бети Пеева.

Таа е децидна дека Штип навистина претставува пример како треба да се работи и како се овозможува ефикасна заштита на жените и девојчињата кои се изложени на насилство. Вели општината е една од првите која, благодарение на ЕХО, составила мултисекторски тим за ефикасна борба против насилството врз жени и девојчиња, кој првично беше формиран некаде во 2010, а потоа повторно се активираше и  со јакнење на капацитетите на членовите започна од 2018 година.

– ЕХО овозможува бесплатна правна помош, психосоцијална поддрпка, економско јакнење, реинтеграција и ресоцијализација на жртвите, застапување пред институциите, придружба на жртвите и сл. Вклучени се и другите релевантни институции како полицијата, судот, ЈО, центарот за социјална работа и здравствените институции, а општината во последните години дава несебична поддршка за успешно да се одвиваат овие активности, вели Пеева.

И градоначалникот Јорданов кој денеска маршираше, рече дека штипјани треба да бидат горди затоа што оваа организација функционира со години во општината и даваат  услуги на сите засегнати страни.

– Во рамки на кампањата денеска сме овде со сите релевантни институции, граѓански здруженија и организации, да дадеме декларативна поддршка дека мораме гласно да зборуваме дека семејното насилство не смее да се приркрив. Мораме гласно да дадеме поддршка, како надлежните институции така и општината, со цел да ја подигнеме пред се свеста, но и ефикасноста на институциите во намалувањето на оваа појава и разрешувањето на ваквите случаи кои се случуваат и се појавуваат за жал, вели Јорданов.