Оштетени детски реквизити, искршени клупи, уништена урбана опрема е жалната слика која се почесто може да се види во новоопремениот и еден од најуредените паркови во градот, оној во населбата Баби.

Трагедијата да биде уште поголема ова не е прв пат и за жал не се случува само на оваа локација. Надлежните секојдневно се соочуваат со реновирање и преуредување на урбаните површини уредени за забава и рекреација кои постојано се цел и мета на хулигански и вандалски чинови.

Од кабинетот на градоначалникот Иван Јорданов упатуваат апел за поголема општествена одговорност, зашто како што велат од таму само ако го чуваат она што е веќе изградено граѓаните и подолго ќе можат да го користат истото.

  • Апелирам до сите жители на поголема општествена одговорност. Само преку колективна свест и одговорност можеме да ги заштитиме нашите јавни површини и да го зачуваме нашиот град, пишува на својата официјална фејсбук страна, градоначалникот Јорданов.

Комуналниот инспектор Борче Везенков вели дека најчесто станува збор за малолетни сторители кои тешко можат да се идентификуваат поради не можноста за докажување на стореното дело.

Додава дека веќе се размислува за решавање на загрижувачкиот проблем со поставување надзорни камери или ангажирање на лица кои би вршеле надзор на самото место, на кој начин би се спречиле ваквите хулигански дејствија во иднина.

Според законот за јавна чистота и комунални дејности, за уништување на урбана опрема предвидена е парична казна во висина од 150 до 200 евра за физичко, односно од 1500 до 2000 евра за правно лице.