Во горниот дел од населба Железничка денес се започна со реализирање на долгоочекуваниот и долгонајавуваниот проект кој би требало да реши еден од децениските горливи проблеми на жителите од оваа населба. Станува збор за поставување на фекална канализација која според градоначалникот Иван Јорданов, е неопходна и една од најголемите потреби на месното население уште од самото формирање и градење на населбата.

  • Повеќе од неколку стотина куќи, домаќинства не се опфатени со фекална канализација. Од годините наназад доста често се комуницирала оваа потреба, многу градоначалници поминале, се ветувало дека конечно Железничка ќе добие фекална канализација, токму поради тоа одлучивме, смогнавме сили, обезбедивме финансиски средства за реализација на овој голем проект, рече градоначалникот Јорданов.

За севкупно покривање на горна и долна Железничка со главната мрежа за изведба на фекална канализација ќе бидат инвестирани нешто повеќе од 30 милиони денари, а како што нагласи Јорданов со активности ќе се продолжи и после завршувањето на овој проект.

  • По завршувањето на активностите со поставувањето на фекалната канализација сите улици и краци ќе бидат изасвалтирани и со тоа сето она што е ветено за населба Железничка ќе биде реализирано, најави Јорданов.

Според неговите зборови планирано е до крајот на годинава да се реализира фекалната канализација во горна Железничка, а на почетокот на наредната година фекална канализација да добијат и жителите на долниот дел од населбата.