Со превземање градежни активности на неколку локации, Општина Штип ги продолжува активностите во рамки на програмата за уредување на градежно земјиште. Во тек е уредување на тротоарската површина на Ул “Плачковички одреди”, површина која според градоначалникот Иван Јорданов никогаш до сега не била третирана на ниту еден начин.
- Станува збор за тротоарска површина која ќе биде уредена со павер елементи. Очекуваме во текот на наредните денови откако ќе се заврши со активностите на оваа улица да се продолжи тековно и на останатите улици кои се влезени во програмата, истакна Јорданов.
Тој уште еднаш потсети дека не само асфалтирањето туку и третирањето на тротоарските површини годинава е на историски највисоко ниво, што штипските улици ќе ги направи побезбедни за пешаците.
- Некако во минатото ова било заборавено, да се внимава на пешаците. По завршувањето на сите тротоари кои ќе бидат уредени како обврска на ЈП Стипион ќе биде поставување на заштитни столбчиња за да се обезбеди простор за минување на пешаците, нагласи градоначалникот Јорданов.
Тој додаде дека нешто помалку од 700 илјади денари се предвидени за уредување на тротоарските површини на улицата “Плачковички одреди”.
Во текот на наредниот период, а во рамки на предвидените активности од програмата за уредување на градежно земјиште, Јорданов најави уредување на повеќе од 50 улици и повеќе од 30 тротоари. Како што посочи динамиката на работа ќе зависи од завршувањето на јавните набавки и постапките за избор на најповолни понудувачи, но и од временските услови.