На денешната средба остварена по повод одбележувањето на 15ти октомври, меѓународниот ден на белиот стап, директорот на ЈП Исар, Кирил Зајков и претседателот на Здружението на слепи лица на град Штип Драги Витанов, одлучија сметките за вода и комунални услуги, слепите лица од Штип да ги добиваат напишани на Брајово писмо.

Според зборовите на претседателот на Здружението, Драги Витанов иако станува збор за десетина нивни членови кои го владеат и користат Брајовото писмо сепак од голема помош ќе биде за сите нив денес договореното.

Директорот на ЈП Исар, Кирил Зајков посочи дека оваа одлука е од големо значење и за нив како јавно претпријатие и дека веќе од понеделник лицата кои го користат сметките ќе ги добиваат на Брајово писмо.

  • Ова за нас значи многу, бидејќи како јавно претпријатие сме насочени кон граѓаните и кон реализирање на сите нивни барања и ова што денес ќе го договориме веќе од понеделник ќе го реализираме како конкретен план. Сите лица кои ќе бидат доставени како список од Здружението до јавното претпријатие ќе бидат издвоени сметките и ќе бидат напишани на Брајово писмо, рече Зајков.

Со денешната одлука ЈП Исар ќе стане првото јавно претпријатие во земјава кое на Брајово писмо ќе ги издава сметките за сите слепи лица кои го познаваат и го користат ова писмо, со што ќе им овозможи сами и без неопходна помош од друго лице да можат да ја прочитаат својата сметка.