Општина Штип преку ЈП Исар започна со реконструкција на водоводната линија на една од најфреквентните улици во населбата Света Недела. Станува збор за улицата 8 Април, каде по барање на тамошните жители во наредниот период ќе се врши промена на застарената и дотраена водоводна линија, а како што најави градоначалникот Јорданов веднаш потоа ќе се пристапи и кон поставување нов асфалт на истиот тој потег.

  • Одлучивме најпрво да направиме промена на водоводната линија преку Јавното комунално претпријатие Исар, а по завршување на изведбата на главната водоводна линија заедно со приклучоците ќе се пристапи кон целосна реконструкција односно асвалтирање на улицата, рече Јорданов.

Градоначалникот на општина Штип истакна дека околу 3,2 милиони денари ќе ја чини општината целосната реконструкција и асвалтирањето на оваа улица, но и дека активностите за оваа населба не завршуваат овде.

  • Планирано е и детско катче кое се планира да биде на влезот во населбата која има потреба и од други содржини но етапно во рамки на нашите можности се трудиме да ги реализираме, не само во оваа туку и во останатите населби во градот, нагласи Јорданов.

Според зборовите на директорот на ЈП Исар, Кирил Зајков, ќе се реконструираат вкупно 193 метри од водоводната линија на улицата 8 Април, а според очекувањата се предвидува целосната замена на водоводните цевки да заврши во текот на наредните три недели.

  • Бидејќи станува збор за потешко достапен предел сите наши ресурси во наредниот период ќе бидат ангажирани за што поскоро завршување на овој проект, рече Зајков повикувајќи на трпение и разбирање од страна на месното население во текот на изведувањето на градежните активности.

Градоначалникот Јорданов уште еднаш потсети дека продолжува востановената пракса секаде каде што е неопходно пред поставување на нов асвалт на улиците најпрво да се врши промена на подземната инфраструктура, а потоа да се пристапи кон асвалтирање, што на долг рок ќе придонесе до намалување на старите и дотраени водоводни линии кои со години наназад не биле променети.