Паркот во населбата Осми ноември е побогат за 30тина нови садници кои беа засадени денеска. Како што истакна директорот на ЈП Исар, Кирил Зајков до секоја од садниците ќе биде поставена и информативна плочка на која граѓаните ќе можат да се информираат за каков растителен вид станува збор, а идејата на ваквата акција е на овој начин да се подигне свеста кај граѓаните за препознавање и негување на дрвјата и зелените површини.

  • Идејата е заедно со општествено одговорните компании, вработените во општината и локалното население да ја подигнеме свеста за препознавање и негување на дрвјата и зелените површини. Денес ќе бидат засадени повеќе од триесет садници од различни сорти, на кои ќе бидат поставени и информативни плочки, со цел граѓаните кои ќе го посетуваат паркот да научат да ги препознаваат дрвјата, рече Зајков.

Дел од денешната акција беше и градоначалникот Иван Јорданов кој притоа нагласи дека за паркот во оваа населба се предвидени и дополнителни содржини како и поставување на летна сцена, што истиот ќе го направи уште позабавен за жителите на оваа но и на останатите населби во градот.

  • Се планираат дополнителни содржини за овој парк, една памп трака за велосипедисти како и една летна сцена која сигурно дека ќе ги анимира нашите сограѓани за оддржување на најразлични манифестации и настани. Нашата тенденција како локална самоуправа е секоја година да ги зголемуваме зелените површини и да ги збогатуваме веќе постоечките паркови со нови содржини, вели Јорданов.

Она што градоначалникот Јорданов го најави во наредниот период е изградбата на т.н парк на иднината кој ќе биде лоциран помеѓу населбите Баби, Сењак 4 и Осми ноември во непосредна близина на пешачката патека. Истиот според Јорданов ќе биде најголемиот парк во Штип и се очекува во текот на оваа година да започне неговата реализација.