Енормно зголемување на цената за електрична енергија има ЈП Исар. Јануарската сметка за струја на претпријатието достигна 19 милиони денари. Решение од институциите засега нема, а директорот апелира да им се помогне и посериозно да се сфати овој проблем, бидејќи претрпијатието не треба да се доведе до ситуација да не може да ги извршува своите основни дејности.

– ЈП Исар наследи долг од 30 милиони денари кон приватен добавувач, сега стигнаа 19 милиони денари, а половина изминат е и февруари што значи дека и овој месец ќе имаме сигурно повисока сметка, претпријатието ќе се доведе во ситуација на неодржливост, вели директорот Здравков.

Тој вели помош од општината ќе има, но ова е енормна сметка во споредба со претходните кои беа околу четири милиони денари.

– Ќе мора да праќаме дописи и да побараме ЕВН да ни излезе во пресрет, да ни дозволат на рати да ги плаќаме сметките за со тек на времето кога ќе се намалат трошоците да можеме да функционираме нормално, вели Здравков.

За претпријатието да биде ликвидно, со оглед на сегашните расходи, можно е и РКЕ, која ја регулира цената, да проектира и покачување на цената на водата за штипјани.

Во меѓувреме сите дозволи за пуштање на водата од ХС Злетовица се добиени. Во понеделник ќе се потпише договорот, истиот ден се очекува да помине и на Совет, па штипјани веќе од вторник може да пијат од оваа вода.

Инаку приватниот добавувач на струја на штипски Исар еднострано го раскина договорот за струја поради неисплатени долгови од над 30 милиони денари. Сега ЈП Исар е краен потрошувач на мрежата на ЕВН Хоум, но одовде струја ќе може да зема само 90 дена. Директорот на почетокот на јануари најави дека претпријатието ќе распише нова постапка за друг добавувач, но рече  прашање е дали по моменталните цени воопшто ќе се јави некој од приватните добавувачи.