Во тек е постапката на брендирање на првите четири автобуси кои од први наредниот месец ќе бидат дел од општинскиот линиски превоз во Општина Штип.

Покрај овие четири , секретарот на општината  Вишна Шорова Ангелова информираше дека  ЈП Стипион веќе има склучено договор со економски оператор за набавка на уште два автобуси, за кои тендерската постапка беше завршена во текот на вчерашниот ден.

  • Во текот на вчерашниот ден заврши и постапката за набавка на уште два автобуси од страна на ЈП Стипион, што значи дека Општина Штип од први септември ќе почне да го реализира линискиот превоз со шест автобуси од кои што во моментов четири се брендираат, останатите два ќе се брендираат во текот на наредниот период и за многу кратко време штипјани ќе имаат можност да го користат линискиот превоз во Општина Штип, истакна Шорова Ангелова.

Таа нагласи дека веќе на наредната седница на општинскиот совет се очекува да се добие согласност и за потпишување на спогодба меѓу Општина Штип и Општина Карбинци за вршење меѓуопштински линиски превоз, со што ќе се реши проблемот со транспорт на учениците од оваа општина кои посетуваат училишта во градот но и воопшто на жителите од Општина Карбинци.

  • Откако ќе ги добиеме сите неопходни дозволи од Советот на општината се надеваме во најкраток можен рок ќе можеме да почнеме да ги опслужуваме и учениците и граѓаните на општина Карбинци, додава Шорова Ангелова.

На прашањето дали целата документациска постапка ќе биде готова до први септември и дали учениците од Општина Карбинци со почетокот на новата учебна година ќе добијат и редовен градски превоз до Штип, Шорова вели дека со оглед на тоа што се чекаат дозволи и од Министерството за транспорт и врски, не може точно да се прецизира датумот од кога ќе започне реализацијата на меѓуопштинскиот превоз, но се очекува тоа да биде во најкраток можен рок.