Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов, заедно со директорот на ЈП Стипион, Панче Стефановски денес извршија увид на неколку локации во градот каде интензивно се работи на уредување на тротоарски како и површини пред влезовите на поголем број станбени објекти.

Во непосредна близина на детската градинка во населбата Сењак се работи на уредување на тротоарските површини, а како што истакна Јорданов паралелно со тоа се работи и на локации во централното градско подрачје, поточно на улицата “Христијан Карпош”, како и на улицата “Астибо” каде во тек е уредување на влезови од станбените згради но и поставување потпорен ѕид.

Во периодот кој следи, Јорданов најави хортикултурно уредување на зелената површина во непосредна близина на ОУ “Димитар Влахов”.

  • Предвидено е хортикултурно уредување на зелената површина која се наоѓа непосредно до училиштето “Димитар Влахов” и целосно осветлување на истата, потенцираше градоначалникот Јорданов.

Во текот на наредниот период како што нагласи се планира тековните активности во Општина Штип да се одвиваат со забрзана динамика, како најголемиот процент од планираното би се реализирало до крајот на годинава.