Општина Штип повторно ќе се обиде да издаде општинска обврзинца откако лани владата на два пати го одложуваше разгледувањето на седница, а потоа во декември и ја тргна оваа точка од дневен ред. Со одолговлекувањето на постапката поминаа роковите, па градот го изгуби правото за аплицирање.

Градоначалникот Јорданов најави дека утре на дневен ред на седницата на Советот на општината ќе се најде Предлог одлука за издавање на општинска обврзница, па веднаш ќе се достави барање за согласност до Комисијата за хартии од вредност и до Министерството за финансии, за на крај барањето да стигне до Влада.

– Се надевам дека владата конечно ќе овозможи да се реализира обврзницата и да можат заинтересираните страни, фондови, банки, правни лица, истата да ја откупат и со тоа да се реализираат очекуваните и ветени проекти, изјави Јорданов за МИА.

Тој посочува дека износот е ист како и првиот пат, односно станува збор за сума од четири милиони евра.