Се гасеа возила, се спасуваа животи – пожарникарите од земјата и странство на Стручен собир во Делчево

Делчево  беше домаќин на деветтиот Стручен собир на пожарникарството, на кој освен домашни експерти и професионалци, учествуваа и експерти и професионалци од противпожарната заштита од Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Целта на настанот, како што информираше Зоран Нешковски, началник во Секторот за превентивно обезбедување личности и објекти во Одделот за заштита на определени личности и објекти при Бирото за јавна безбедност во МВР на РСМ, претседавач и главен организатор на Стручниот собир „Делчево 2022“, е да се разменат искуства и сознанија за усовршување на техниките и тактиките на противпожарните друштва.

-Тоа се покажа и минатата година како резултат на големите пожари во овој регион каде пристигнаа служби кои интервенираа од Австрија, Словенија, Бугарија, Србија и Македонија кои покажаа дека на тој начин треба да се гради довербата во прекуграничната соработка, рече Нешковски.

Делчевските пожарникари, како домаќини имаа и свој посебен дел во текот на вежбите.

Градоначалникот Горан Трајковски кажа дека локалната власт максимално е насочена кон инвестирање во подобрување на опременоста на пожарникарите од ТППЕ Делчево.

-Ние добро го знаеме нивното значење и се гордееме со нивната професионалност, одговорност и максимална посветеност при извршување на работните обврски, знаеме и колку пати сме биле сведоци на нивниот професионализам, пожртвуваност и квалитет во интервенциите. И одовде, јавно уште еднаш искажувам благодарност за нивната професионалност и максимална организираност во гаснењето на пожарите на отворено, но и на објекти. Во оваа прилика сакам да истакнам дека како одговорна локална власт, максимално сме насочени и инвестираме во подобрување на опременоста на пожарникарите од ТППЕ Делчево. И би рекол дека сме една од ретките општини во државава која, без помош и поддршка од надлежните институции, сами набавуваме опрема и возила за пожарникарите, изјави градоначалникот Трајковски.

Делчевската противпожарна единица брои 17 професионални пожарникари, кои работат со 7 противпожарни возила.