Делчево утре е домаќин пожарникарите од целата држава и странски гости

Повеќе стручни предавање и презентации со показни вежби ќе бидат дел од 9. Стручен собир на пожарникарството, што ќе се одржи утре (сабота, 19.11) во Делчево. На соборот ќе бидат обработени актуелни теми, анализи, а ќе се пренесат и искуства од реални интервенции за: гаснење пожари, евакуација, спасување животи, природни богатства и животна средина, материјално- технички средства, технички интервенции на пожарникарите во различни услови на работа, искуства од прекуграничната соработка, презентација на нови методи и тактики, нова опрема и средства за работа на пожарникарите и др. Според најавите, на овој стручен собир, покрај домашни експерти од областа на пожарникарството, ќе учествуваат претставници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија.

Целта на настанот е да се поттикне развојот на пожарникарството, како професионалното, така и доброволното, организирањето вежби со различни сценарија и заеднички настап на службите за брза интервенција од: противпожарните единици од ТППЕ, полицијата, итната медицинска помош, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст на РСМ и други хуманитарни и волонтерски друштва. Овие активности се во насока на стекнување самодоверба, градење на личните искуства, познанства и пријателства.

Гостите во Делчево ќе имаат можност да се запознаат и со природните и културните богатства на Општина Делчево.