Половина од населбите во Штип втор пат во три дена останаа без вода. Дефектот и денеска е на главната водоводна линија, на истото место во населбата Баби, пред филтер станицата.
Дефектот настанал ноќеска околу полноќ, па до утринава механизација на ЈП „Исар“ ја испумпувала водата од местото, за да може да ископаат дупка и да дојдат до главната цевка.
Градоначалникот Иван Јорданов рече дека додека не се дојде до цевката, не може да се знае дали се работи за избивање на спојницата или цевката е пукната на друго место.
Вода за пиење жителите во високите зони очекува да добијат до доцните вечерни часови.
ЈП „Исар“ ги повика граѓаните кои имаат потреба од достава на вода за пиење да се јават во нивниот Инфо центар, на бројот 078 473 100.
Старите и дотраени цевки на главната водоводна линија се почесто попуштаат под притисок на водата која доаѓа од Хидросистемот Злетовица, но и поради зголемената потрошувачка во текот на летото.