Викенд населбата Суитлак добива водоводна мрежа

Со заедничка инвестиција на Општина Штип, ЈП Исар и жителите на населбата Суитлак, конечно се започнува со поставување на водоводна мрежа за овој дел од градот и исполнување на уште едно од предизборните ветувања на актуелниот градоначалник Иван Јорданов.

Според него проектот ќе се одвива во неколку фази, од кои првата ќе опфати неколку стотина куќи, додека во втората фаза ќе се пристапи кон целосно водоснабдување на населбата Суитлак.

  • Со изградба на резервоарот Каваклија, кој што се надевам до крајот на оваа година ќе започне да се гради, за обезбедување на доволен притисок на вода за целата викенд населба Суитлак, ќе задоволиме потреба која со години наназад се провлекува, истакна Јорданов.

Вкупната инвестиција вредна 13 милиони денари, ќе биде обезбедена со 6 милиони од општината, некаде околу 2 милиони се од буџетот на јавното претпријатие, додека останатите средства се одбезбедени од жителите на населбата, вели директорот на ЈП Исар Кирил Зајков, кој замолува за трпение при извршувањето на градежните активности.

  • Апелираме кај граѓаните за трпение, побаруваме нивна соработка како заеднички би ги поставиле примарните приклучоци на самата водоводна линија, се со цел за пократок временски период да извршиме поставување на примарната водоводна мрежа, нагласи Зајков.

Тој додаде и дека не може со потполна прецизност да се утврди динамиката на завршувањето на целиот проект со оглед на тоа што истата зависи од многу надворешни фактори.

  • Станува сбор за седум крака кои треба да бидат поставени со примарна водоводна мрежа. Во дел од краците имаме реален проблем, т.е треба да се врши прекопување на самите улици, во зависност од тоа не би можеле во овој момент да ја кажеме динамиката за завршување на целиот проект, потенцираше директорот на ЈП Исар.

Градоначалникот Јорданов, најави дека ќе се продолжи со востановената пракса на промена на застарената водоводна и канализациона мрежа на сите улици на кои е планирано асвалтирање, со цел долгорочно решавање на постоечките проблеми со водоснабдувањето во градот , за што повика на трпение и поддршка од граѓаните.