Започна уредувањето на платото пред ООУ “Гоце Делчев”, откако претходно по долги години конечно се реши проблемот со излевањето на фекалната канализација со кој се соочуваа домаќинствата во непосредна близина на училиштето.

Како што нагласи градоначалникот Иван Јорданов при денешниот увид на лице место, во текот на изминатиот месец се работело на санирање на деценискиот проблем, а сега веќе се навлегува во втората фаза од активностите.

  • Екипите на ЈП Исар работеа на санирање на овој долгогодишен проблем, кој ги засегаше и станарите од станбената зграда, корисниците на дневниот центар Порака и нормално учениците кои влегуваа во училиштето. Сега веќе се навлегува во втората фаза а тоа е уредување на самото плато како и на делот пред влезовите на станбените објекти, рече Јорданов.

Тој најави дека по уредувањето со павер елементи површината ќе биде и осветлена со што ќе стане многу поурбана и подостапна за сите кои го користат овој дел од градот.

За решавање на проблемот со фекалната канализација и за уредување на платото пред училиштето “Гоце Делчев” општината одвои половина милион денари од својот буџет, потврди денес градоначалникот Јорданов.

Во меѓувреме како што истакна тој, завршено е партерното уредување на улицата Милојкова во населбата Ново село, а во текот на наредните денови се очекува отпочнување на градежни активности и на улицата Партизанска, наспроти автобуската станица каде ќе се уредуваат влезовите на неколку станбени згради, како и финализирање на веќе започнатата активност на улиците Енгелсова и ЈНА во населбата 8 Ноември.