Повеќе од 50 улици, тротоари, водоводни и канализациони мрежи во Штип ќе се реконструираат во текот на наредните месеци, најави денес на средба со новинарите градоначалникот Иван Јорданов. Предвидено е да се реконструираат улици во населбата Три Чешми, пристапни улици во населбата Плуждино, како и улиците “Христијан Карпош”, “Коле Неделковски”, “АСНОМ”, “Панко Брашнаров” и улицата “Рудо”.

Според Јорданов, во текот на наредниот период ќе се започне и со асфалтирање на улицата “Брегалничка” во населбата Македонка, како и асфалтирање на краци од улици во населба Железничка.

  • Предвидено е и асфалтирање на паркинг простор на улицата “Пиринска”, реконструкција на улицата “Сутјеска”, “Широк Дол”, “Цвета Јованова”, рехабилитација на улицата “Страшо Пинџур” и “Тодор Коларов”, рехабилитација на улиците во рамки на клиничката болница Штип, целосна реконструкција на улицата “4 Јули”, а ќе се асфалтираат и улици во населбата Балканска, вели Јорданов.

Паралелно со реконструкцијата на споменатите улици ќе се врши и уредување на нивните тротоарски површини, нагласи градоначалникот Јорданов, додавајќи дека истовремено се работи и на промена на водоводната и канализациона мрежа и решавање на долгогодишниот проблем кој го имаат штипјани со старата подземна инфраструктура.

  • Продолжуваат и активностите за изградба на неколку катни гаражи кои во наредниот период дел од нив ќе бидат финализирани и пуштени во употреба и она кое што е значајно е дека ќе се реализира и проектот кој е веќе во завршна постапка од тендерската фаза на спортскиот центар Џексон, истакна Јорданов.

Додава дека истовремено активно се работи и на урбанизирање на одредени делови на градот кои биле запоставени и руинирани во текот на изминатите години.

  • Се прават паралелно детални урбанистички планови за урбанизирање на неколку локации во централното градско подрачје со нови модерни објекти кои ќе наликуваат да едно урбано и модерно живеење, рече Јорданов.

Повеќе од 300 милиони денари годинава ќе бидат инвестирани во ставката капитални расходи, што значи дека историски гледано оваа година најмногу до сега ќе се гради во Штип, потенцираше градоначалникот Јорданов.