За три месеци треба да биде поставен цевководот кој што води до Пречистителната станица во  Општина Карбинци. До крајот на летото ако работите се одвиваат според предвидената динамика, постои можност жителите од оваа општина да добијат чиста и здрава вода за пиење во своите домови, вели градоначалникот Виктор Паунов.

„Со одлична динамика се одвиваат работите на цевководот од филтер станицата. Се работи за цевковод во должина од 18 километри. За кратко време ќе имаме изградени цевководи, а ние паралелно ја тераме и работата со добивање на дозвола, односно испитување на квалитетот на водата. Така да до крајот на летото, се надевам дека веќе ќе имаме завршени цевководи, завршен пристапен пат до самата Филтер-станица и конечно населението на Општина Карбинци, ќе добие чиста и здрава вода за пиење,“ вели градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

Изградбата на овие цевководи е финансирано до страна на Министерството за земјоделие за што се издвоении  42 милиони денари.

„Надзорот и сите договори се на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, но како краен корисник се јавува Општина Карбинци и исто така и увидот којшто го правиме и ние е клучен за функционирањето во иднина,“ додава Паунов.

Инаку градежните активности за новата Филтер-станица во општина Карбинци се завршени, монтирана е и опремата.

Со изградбата на Филтер-станицата се решава неколкудеценискиот проблем на жителите на Карбинци, кои сега се снабдуваат со вода за пиење од локалните водоводи и бунари.
Со изградбата на Филтер-станицата ќе се овозможи непречено снабдување со вода за пиење на населените места Карбинци, Козјак, Аргулица, Таринци, Долни Балван, Нов Карорман и Радање, каде што живеат околу 3000 жители или 75 проценти од вкупниот број жители на Општина Карбинци.

Капацитетот на Филтер-станицата е 40 литри во секунда, а со пуштањето на водата Општина Карбинци го решава проблемот со водоснабдувањето во наредните 100 години.
Средствата за реализација на проектот Филтер-станица Карбинци, во вкупен износ од 105, 3 милиони денари, се обезбедени од државниот буџет преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.