Околу 7,5 милиони евра ќе „тежи“ Буџетот на Општина Гевгелија

Советот на Општина Гевгелија на вчерашната Трета седница го
усвои Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година.
Според Нацрт-документот, вкупниот Буџет на Општина Гевгелија
за идната година е проектиран на 459.635.291 денар, а Основниот
буџет на 214.802.359 денари. Покрај приходите на Основниот
буџет, во структурата на Вкупниот буџет се приходите на дотации
во износ од 226.832.932 денари, на донации од 4.000.000 денари и
на приходите на самофинансирачките активности во износ од
14.000.000 денари. За капитални расходи во Основниот буџет се
предвидени 69.650.000 денари или 32,43%.
Според градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон
Сарамандов, вака утврдениот Нацрт-буџет на Општина Гевгелија
ја има развојната компонента. Истакнувајќи дека во Нацрт-Буџетот
за наредната година се зголемени средствата во програмите за
спорт и рекреација, како и за развој на туризмот во општината.
Односно, предвидени се средства за изготвување проектна
документација и за реконструкција на ДТВ „Партизан“, кој објект е
од посебно значење за општината. Исто така, се предвидени
средства за создавање на услови за поголема искористеност на
компаративните предности на поднебјето и потенцијални
капацитети и ресурси за развој на алтернативниот туризам.
Во расправата по Нацрт-буџетот на Општина Гевгелија за
2022 година, учествуваа повеќе членови на Советот на
Општината, давајќи конкретни предлози, забелешки и идеи за
дополнување на Нацрт-Буџетот, кои ќе бидат од корист на
граѓаните. Притоа, беше договорено изнесените предлози да
бидат поднесени во вид на амандмани за разгледување и
вметнување во Предлог-Буџетот, кој ќе биде разгледуван на
наредната седница.
По усвојувањето, Нацрт-Буџетот ќе биде даден на јавна
расправа, така што наредните дваесеттина дена, граѓаните по
електронски пат и во непосредни средби во Месните заедници и
на јавни трибини, ќе можат да дадат предлози, сугестии и
забелешки. На тој начин тие ќе се вклучат во дефинирањето на
финансиската политика на општината во наредната година. По
јавната расправа, се очекува Предлог-Буџетот на Општина
Гевгелија за 2022 година, пред крајот на годината, повторно да се
најде пред советниците за конечно усвојување.