Општина Пробиштип асфалтираше шест улици со вкупна должина од 550 метри во населеното место Пишица. Овој проект како што вели градоначалникот Драган Анастасов, бил предвиден за реализација во тековната година.

– За овој проект по пат на јавна набавка, општината склучи договор со економскиот оператор НОВА ЕКО БАЗА ДОО од Штип и притоа издвои средства во висина од 1.750,295 денари од општинскиот буџет, вели Анастасов.

Во општината се завршени и два проекти за уредување на простор со детски реквизити и урбана опрема, на улицата „Нада Михајлова“ кај спојот со улицата „28-ми август“ и во Злетово.

При крај е и санацијата на детското игралиште и уредувањето на просторот пред зградите за колективно домување на улицата „Јаким Стојковски“, спроти Марков камен.

– Овие детски игралишта се согласно планот за реализација за 2021 година, за кои општината издвои вкупно средства во висина од 4 милиони денари, и склучи договор со економскиот оператор Панел М од Тетово. Согласно изготвувањето на новите програми за 2022 година, општина Пробиштип предвидува уредување на простор од ваков тип, на повеќе локации, кои се детектирани во изминатиот период во соработка со граѓаните, вели градоначалникот Анастасов.