Вчерашниот ден беше исклучително тежок ден за екипите на Противпожарната бригада на Скопје, кои имаа 22 интервенции на територијата на Скопје. Најголем дел од интервенциите беа за запалена трева, а поголем пожар се случи во фабриката ОХИС. Сите пожари се изгаснати, а на локациите се интервенираше со повеќе возила и пожарникари.
Во моментов на територијата на Скопје нема посериозни пожари.
„За жал, треба да се напомене дека во време кога низ целата земја се соочуваме со голем број на пожари, кои нанесуваат голема материјална штета, како и непроценлива штета на флората и на фауната, а имаме и човечки жртви, во текот на вчерашниот ден имавме и 7 лажни пријави на пожари“, информираат од Град Скопје.
Апелираме сите граѓани во овие тешки времиња да се однесуваат одговорно и да не го злоупотребуваат телефонскиот број 193, бидејќи во случаи со пожар секоја секунда е важна и истата може да загрози или да спаси нечиј живот.